Премиерот Ковачевски денеска во Тетово присуствуваше на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8, со што е означен почетокот на изградбата на автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан.
Тој тоа го нарече „стратешки и државнички подвиг“, од кој ќе имаат корист сегашните и идните генерации дома но и во двете соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридор 8.
„Со гео-стратешката позиција и Коридор 8 ние стануваме неизбежна транспортна рута како во регионот така и пошироко. Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот не е само почеток на нова патна инфраструктура, туку и на нови инвестиции, нови пазари, и можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании“, рече Ковачевски.
Тој додаде и дека Коридорот 8 значи помалку трошоци и поефикасен транспорт и поврзување и интеграција на Македонија.
„Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој“, посочи шефот на Владата.
Ковачевски нагласи и дека Коридорот 8 и Коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри.
„За прв пат како држава се поврзуваме кон запад и исток, а не како досега само поврзување север и југ. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот“, порача тој.
Посебно ми е драго, рече Ковачевски, што овој автопат ќе биде голема шанса за развој на Северна Македонија. „Коридорот 8 и 10д се многу важни за нашата стратешка автономија со која нашата земја ќе се најде на сообраќајната и економската карта на Европа“.