Проширувањето на ЕУ ќе ги подобри економско-социјалните услови на европските граѓани, оценува ГАК 

Проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот и е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, за намалување на разликите меѓу земјите и за поттикнување на вредностите на кои е основана Европската унијата, се наведува во Заклучоците за проширувањето усвоени на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК).  

„Проширувањето на ЕУ ќе донесе далекусежни социо-економски придобивки за нејзините сегашни и идни членки. Гледајќи кон перспективата за понатамошна проширена Унија, и ЕУ и идните земји членки треба да се подготват за тоа. Претендентите за членки треба да ги засилат своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување заснована на заслуги и со помош на ЕУ“, се наведува во заклучоците. 

Паралелно со ова, според Советот, ЕУ треба да ги постави потребните внатрешни основи и реформи, со што  стане посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет. 

„Руската агресивна војна против Украина ја нагласува важноста на проширувањето како стратешки приоритет за ЕУ. Советот ја потврдува својата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство во ЕУ на Западен Балкан, Украина и Молдавија. Турција останува земја кандидат и клучен партнер во многу области од заеднички интерес. Советот потсетува дека акциите преземени од грузиската Влада го загрозуваат европскиот пат на Грузија, што де факто води кон запирање на процесот на пристапување и ја повторува цврстата солидарност на ЕУ со грузискиот народ и нејзината подготвеност да продолжи да ги поддржува Грузијците на нивниот европски пат, при тоа изразувајќи жалење за неодамнешната најава на грузиската Влада за суспендирање на процесот на пристапување во ЕУ до 2028 година“, се вели во документот. 

Зачлени се на нашиот е-билтен