Франција утринава го поврза нуклеарниот реактор Фламанвил-3 на својата електрична мрежа, објави француската државна енергетска компанија ЕДФ. Ова е прв ваков случај во западноевропската земја во последните 25 години.
Реакторот, кој беше вклучен во септември пред да се приклучи на електричната мрежа, е пуштен во употреба 12 години задоцнет и по цена од околу 13 милијарди евра, четири пати повеќе од првично планираниот буџет.
-Тимовите на ЕДФ го постигнаа првото поврзување на реакторот за вода под притисок Фламанвил со националната мрежа во 11:48 часот по локално време. Реакторот сега произведува електрична енергија, се вели во соопштението на компанијата.
Реакторот Фламанвил-3 е најголемиот во Франција со капацитет од 1,6 гигавати и еден од најголемите во светот.
ЕДФ планира да изгради уште шест реактори за да го исполни ветувањето на францускиот претседател Емануел Макрон во 2022 година.