Минималната синдикална кошница за декември 2024 година изнесува 62.861 денар, што е зголемување од 840 денари во однос на ноември 2024, кога кошницата беше 62.021 денари. Во случај на изнајмен стан од 60 квадратни метри, минималната кошница расте на 78.236 денари, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според пресметките на ССМ, едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да издвојува 23.075 денари, што претставува 36,7% од вкупната кошница. За облека и обувки ќе треба да одвојат 5.728 денари или 9,1%, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.020 денари или 9,6%, а за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2.087 денари или 3,3%. Другите потреби вклучуваат здравје (1.135 денари), транспорт (4.727 денари), комуникации (3.417 денари), рекреација и култура (4.458 денари), образование (6.984 денари), ресторани и хотели (4.131 денар), и останати стоки и услуги (1.100 денари).
Доколку семејството живее во изнајмен стан, потребни се дополнителни 21.395 денари.
Забележително е дека мерките на Владата за ограничување на маржите и намалување на цените за најмалку 10% даваат резултати, но и покажуваат дека цените на храната и пијалоците во Синдикалната минимална кошница за декември се зголемени само за 41 денар во однос на септември 2024. Сепак, се забележува зголемување на цените пред стапување на сила на последните мерки, а вредноста на кошницата за храна и пијалоци е зголемена за дополнителни 397 денари.
ССМ ја повикува Владата да продолжи со мерките и да ги спречи злоупотребите од страна на трговците, за да се зачува животниот стандард на граѓаните.