По иницијатива на Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, за првпат ќе биде одржано хуманитарно празнично дружење на плоштадот во градот.
Присутните ќе може да се радуваат и бесплатно да се фотографираат со маскоти, жонглери и Дедо Мраз. Ќе има разни слатки по поволни цени, како и други изненадувања од торбата на Дедо Мраз.
-Целта на овој празничен Базар е многустрана и се фокусира на важноста на социјалната инклузија, како и на поврзувањето на децата и нивните родители во пресрет на празниците. Настанот нуди можности за дружење на најмладите преку различни забавни содржини, а истовремено служи и за собирање средства што ќе бидат насочени кон хуманитарни активности за поддршка на најранливите категории во нашето општество, изјави за МИА, сестра Ефимија.
Изразува задоволство што целата локална заедница се вклучила на каков било начин да ја поддржи оваа иницијатива, но посебно, додава сестрата, нè радува фактот што многу млади луѓе, кои се дел од волонтерската група на Здружението „Рајчица“, се вклучија во изработка на многу различни производи, кои ќе бидат поставени на штандовите за време на празничниот Базар.
- Со тоа, токму младите се носители на овој проект, преку изразувањето на нивната свест за поддршка, но и подобрување на соработката меѓу сите лица и институции во локалната заедница, насочувајќи ги своите младешки сили кон благородни цели. Ги покануваме сите наши сограѓани, нашите мили дечиња, родители, баби и дедовци, посочува сестра Ефимија.
Задоволство од одржување на еден вакво настан искажува и градоначалникот Хекуран Дука, ветувајќи поддршка и во иднина на вакви и слични активности.
-Со задоволство ја продолжуваме соработката со здружението „Рајчица“, овој пат со навистина преубав настан, кој за првпат се случува во нашиот град. Како локална самоуправа ќе продолжиме со поддршка на настани кои се во интерес на нашата заедница, тука секако најмладите, кои верувам ќе бидат во голем број заедно со нивните најблиски, рече за МИА, градоначалникот Дука.
Тридневното хуманитарно празнично дружење ќе биде на 26 и 27 декември (четврток и петок) од 16 до 19 часот, и во сабота од 11 до 16 часот.