Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Албанија уништи над 60 тони, АХВ тврди дека мандарините увезени во Македонија се безбедни

Албанската Национална управа за храна минатата недела уништи повеќе од 60 тони мандарини, вратени од земји членки на Европска Унија, поради високо ниво на пестициди, опасни по здравјето, од Агенцијата за храна и веринарство тврдат дека нашите мандарини иако можеби дел се увезени од Албанија се безбедни.

-Како контакт точка на Системот за брзо известување за небезбедна храна и храна за животни на Европската унија (RASSF), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на дневна основа добива известувања за пласирање на небезбедна храна на пазарот во цела Европа, вклучително и за нашава земја. Во однос на вратените мандарини по потекло од соседна Албанија кај кои е детектирано зголемен процент на пестициди, АХВ досега нема добиено нотификција (известување) дека количини од овие мандарини се пласирани на македонскиот пазар. Како одговорна институција ја следиме состојбата на дневна основа и доколку има потреба навремено и соодветно ќе реагираме, велат за Рацин.мк од АХВ.

Како што додаваат тие мандарините кои се увезуваат во земјава се безбедни.

-Инспекциските служби на АХВ врши контрола на секоја увозна пратка на граничните премини. Контроли се прават и при истовар на увезените пратки. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и преглед на идентитетот и физички преглед на пратките. Се додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, се ставаат под официјален надзор. Истите не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив.
Во случај на добивање на незадоволителен резултат пратката се нештетно се уништува, или се наредува нејзино враќање во земјата на потекло, додаваат тие.


Од почетокот на годинава досега во земјава увезени се 744 пратки со мандарини со вкупна количина од над 10 милиони килограми. Оваа година, нема евидентирано ниту вратени, ниту уништени небезбедни пратки со мандарини.

Храната во земјава е предмет на контрола од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство во рамки на редовните, вонредните контроли, кога се постапува по претставки и по нотификации кои Агенцијата ги добива преку Системот за брзо известување за небезбедна храна на Европската унија.

Последните неколку недели Хрватска, Чешка, Италија и Литванија, кои на големо увезуваат овошје од Албанија, по направените анализи од граница ги вратиле назад камионите натоварени со ова овошје.

-Мандарините содржеле остатоци од неколку супстанции опасни по здравјето на луѓето и се забранети за продажба во ЕУ. Поточно, станува збор за високо присуство од хлорпирифос и фосмет, кои како несакани ефекти имаат влијание врз развојот на мозокот кај децата, нарушувања на нервниот и ендокриниот систем, како и зголемен ризик од срцеви заболувања и рак, објавија албанските медиуми.

Вратените мандарини биле произведени во подрачјето на Берат, Љушња и Фиер, каде нивните сопственици за Топ чанел изјавиле дека „не знаат какви препарати користеле, го купувале тоа што им го даваат трговците“.

Албанија, во просек годишно извезува над 20.000 тони мандарини, добар дел од нив завршуваат на македонскиот и косовскиот пазар.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен