Долгометражниот филм „Стела“, во режија на Стојан Вујичиќ, кој стекна меѓународно признание, станува дел од образовните програми во Шведска. Ова е значајно признание за македонската кинематографија, бидејќи филмот ќе служи како алатка за изучување на македонскиот јазик и запознавање со културата и природата на Македонија.
Филмот ја следи приказната за Никола, младо момче кое заедно со својот дедо и шарпланинката Стела се соочува со предизвици како булингот и семејните проблеми. „Стела“ е универзална приказна за љубовта, храброста и поддршката, што ги обединува генерациите преку својата автентичност и емоционалност.
Изборот на филмот како едукативна алатка е поттикнат од неговиот визуелен и емотивен карактер, кој го збогатува наставниот процес и инспирира креативно размислување.
Иницијативата е дело на професорките Павлина Велјаноска и Тереза Шалевска-Мирчева, кои го препознаа потенцијалот на „Стела“ за едукација.
„Филмот е моќен медиум кој преку визуелните и емоционалните елементи го прави наставниот процес поинтересен. Со ‘Стела’ целиме да поттикнеме свест за врсничкото насилство, да развиеме емпатија и да овозможиме истражување на културните аспекти на јазикот, како и запознавање со убавините на Македонија,“ истакна професорката Велјаноска.
Филмот е прва македонска зелена продукција, создадена во соработка помеѓу „Дрим Фектори“ (Македонија), „Акција Продукција“ (Србија) и „Моуна“ (Германија), со поддршка од Агенцијата за филм на РС Македонија, Филмскиот центар на Србија и германскиот Филмски фонд на Баден Вуртемберг.
Режисер е Стојан Вујичиќ, а продуцент Огнен Антов. „Стела“ е мост помеѓу Македонија и светот, нудејќи уникатна можност за истражување на јазикот и културните вредности.
По успехот на фестивалите низ Европа, филмот продолжува да инспирира со својата нова улога во шведските училишта, приближувајќи ги младите генерации до македонската култура.