Годишната инфлација повторно бележи раст. Според податоците на Заводот за статистика, индексот на цените на живеење во декември 2024 година се зголеми за 4,4% во однос на истиот месец во 2023 година, додека индексот на цените на мало порасна за 4,3%.
Најголемо зголемување на цените е регистрирано во рестораните и хотелите (9,9%), алкохолни пијалоци, тутун и наркотици (7,6%), здравството (5,3%), земјоделските производи (7,1%), и услугите (5%). Кај храната и пијалоците, најизразен раст имаат безалкохолните пијалоци, овошните сокови, маслото, млекото, сирењето, јајцата, кафето, чајот и какаото.
Ниту есенската, ниту пак новогодишната кошничка која се уште трае н успеаја да ги зауздаат цените. Во неколку маркети во Скопје граѓаните ги споредуваа цените од производ до производ и коментираат дека еден литар зејтин кон крајот на октомври и почетокот на ноември чинел 73 денари, потоа просторот без владина акција го искористиле добавувачите и цената скокнала на 92 денари, а откако почна акцијата „Новогодишна кошничка“ се покачи на 97 денари.
Тоа се должи на фактот што во оваа акција владата е само логистичка поддршка и реши да му остави на бизнисот, односно на супермаркетите, производителите и дистрибутерите да одлучат кои цени да ги намалат. Тоа значи поевтини цени, но не на најосновните намирници, туку на оние производи кои можат да се најдат на празнична трпеза.
Пакување со 15 јајца во скопски супермаркет кое од 105 скокна на 130 денари пред неполн месец, сега е намалено на 110 денари и тоа е всушност зголемување, а не покачување, велат граѓаните во маркетите.
Дека ова е мерка на бизнисот се согласија и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши и заменик-министерот Марјан Ристески.
– Оваа мерка произлегува од бизнисот, а не од Владата и оваа мерка е да намалат производите за новогодишните празници. Државниот пазарен инспекторат за сите оние аномалии кои ги има, ќе може да врши контроли на терен и ќе пишува казни. Попустот се одредува врз основа на најниската цена во последните 30 дена. Новата цена и старата цена мора да бидат транспарентно со назнака дека производот е дел од кошницата. На страната се објавени сите производи кои компаниите ги понудиле на граѓаните – истакна министерот Дурмиши во ноември.
Премиерот Христијан Мицкоски најави строги казни и инспекции, останува да видиме каков ќе биде резултатот.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
…