Снимки од преполни болници во Кина со пациенти со маски, кои последниве недели се шират на социјалните мрежи, предизвикаа загриженост за нова пандемија. Кинеските власти потврдија дека се работи за пораст на инфекции со човечки метапневмовирус (ХМПВ), сезонски вирус сличен на настинка, кој често се појавува во зимскиот период, пишува „Би-би-си“.
Иако опасноста е минимална, експертите советуваат стандардни мерки на претпазливост: носење маски во преполни места, избегнување гужви, редовно миење раце и вакцинација против грип.
Македонските здравствени власти се согласуваат дека нема простор за паника. „ХМПВ не е нов вирус. Смртноста е многу ниска, дури и помала од таа на грипот, а компликациите се исклучително ретки“, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Тој додаде дека нема вакцина за ХМПВ, но и дека ситуацијата во Кина се должи на сезонскиот скок на респираторни инфекции, што е очекувано за овој период од годината.
Според експертите, ХМПВ не може да се спореди со ковид-19. Овој вирус е познат со децении, а речиси секое дете се заразува со него до петгодишна возраст. Иако во најголем дел предизвикува блага инфекција на горните дишни патишта, може да биде опасен за многу мали деца и лица со ослабен имунитет.
„Кај најранливите, како постарите и хронично болните, може да се појават компликации како воспаление на белите дробови, тешко дишење и болки во градите. Но, ваквите случаи се ретки и слични на сезонскиот грип“, вели инфектологот Хсу Ли Јанг.
ХМПВ се пренесува преку директен контакт или допир на контаминирани површини. Симптомите, кои вклучуваат кашлица, треска и затнат нос, најчесто се јавуваат во зимските месеци, со пик кон крајот на зимата и почетокот на пролетта.
„Сегашниот раст на случаи во Кина е дел од типичното сезонско зголемување. Сличен тренд е забележан и во други земји на северната хемисфера, како САД и Велика Британија“, објаснува Жаклин Стивенс, епидемиолог од Универзитетот Флиндерс.
За разлика од пандемиите, кои обично се предизвикани од нови вируси, ХМПВ е добро познат и присутен ширум светот. „Повеќето луѓе веќе имаат одреден имунитет поради претходни изложувања“, вели д-р Хсу.
Професорот Пол Хантер од Универзитетот на Источна Англија дополнува дека речиси сите сме биле заразени со ХМПВ до петгодишна возраст и веројатно сме го прележале неколкупати во животот. „Нема знаци за сериозен глобален проблем“, истакнува тој.