Заменик-министерката за одбрана, Елфет Исмаили на денешната седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност информира дека Министерството до Владата на САД доставило шест писма со барања преку кои се бара да се реализира набавка на воена опрема.
Министерството за одбрана ја разгледа потребата за реформи во одбранбениот сектор. Со долгорочниот план за одбрана се трасира патот на реформите за одбрана и се нуди рамка за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија за достигнување на една целосна усогласеност со членките партнери на НАТО. За оваа цел Министерството за одбрана до Владата на САД достави шест писма со барања преку кои се бара да се реализираат набавувањето на воената опрема, рече заменик-министерката.
Во рамки на денешната седница на Комисијата беше изгласана Предлог-одлуката за испраќање на двајца припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на обединетите нации „УНИФИЛ“, во Република Либан во времетраење од шест месеци, сметано од февруари до август 2025 година.