Република Северна Македонија денеска се сеќава и го одбележува 8 април, денот кога во 1993 година нашата земја беше примена во членство на организацијата на Обединетите нации.
По тој повод претседателот на државата Стево Пендаровски порача дека приемот на нашата држава во ОН беше „чин што овозможи меѓународна афирмација на македонската држава во меѓународниот поредок на суверени и независни држави и нејзин придонес во сочувањето на мирот, безбедноста и одржливиот развој во светот“.
На тој свечен настан, пишува Пендаровски, во ОН за прв пат македонски претседател се обрати на македонски јазик пред Генералното собрание на светската организација.
Премиерот Димитар Ковачевски во својата посвета за овој значаен датум денеска напиша дека 8 април 1993 година ќе остане трајно врежан како ден кога се етаблиравме на меѓународната сцена како независна и суверена држава, одговорна и еднаква во меѓународното семејство на народи.
Претседателот Киро Глигоров, пишува Ковачевски, беше во говорот на говорницата на Обединетите Нации ги постави темелите на нашите надворешно-политички приоритети, на кои и денес сме целосно посветени и ги спроведуваме.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи во својата честитка за овој настан нагласува дека Северна Македонија „низ годините зад нас постави пример за другите дека со дипломатија и дијалог, со разбирање и толеранција, со трпеливост и посветеност, можат да се решат најгорливите прашања и да се добијат нови пријатели и сојузници“.
Со сеќавањата на 8 април 1993 година, напиша Битиќи, „да останеме посветени на овие принципи и да ја градиме нашата земја и од внатре на вредностите на разумните универзални политики за мир и просперитет на нашето заедничко општество“.
Бојан Маричиќ, заменик претседател во Владата задолжен за европски прашања во честитката по повод 30 годишнината од приемот на нашата земја во ОН, истакнува дека Северна Македонија во меѓувреме стана членка на НАТО и ги започна преговорите со Европската Унија и дека тоа и нѐ обврзува да ја задржиме динамиката на евроинтеграциите и да ја завршиме македонската интеграција во големото европско семејство.
Маричиќ потенцира дека „остануваме посветени на нашите клучни цели и вредностите на Обединетите нации, како одржувањето на меѓународниот мир и безбедност, унапредување на човековите права, зајакнување на социјалниот и економскиот развој.
Оливер Спасовски, министерот за внатрешни работи, нагласува дека како контиунитет на членството на државата во ОН и како резултат на определбата низ дијалог да ги решава и најсложените прашаења, пред 5 години беше направен и храбар исчекор со пријателска Грција, и со посредство на ООН ги надминавме разликите, постигнувајќи го Преспанскиот договор со потврден македонски идентитет, членство во НАТО и преговори со ЕУ.
Нека е за многу години членството на Република Северна Македонија во Организацијата на Обединетите Нации, се вели во честитки на претставниците на државниот врв.