Денеска започна второто полугодие за учениците во основните и средните училишта и покрај тоа што дел од родителите во текот на викендот на социјалните мрежи бараа негово пролонгирање поради ширењето на грипот.
Според податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во последната недела се регистрирани над 1.000 заболени од грип, што е трипати повеќе од претходната недела. Сепак, д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заштита од заразни заболувања, изјави дека ситуацијата не бара одложување на наставата или воведување вонредни мерки.
„Грипот е во границите на ниска вирусна активност, а бројот на заболени е помал споредено со минатите години. Во моментот нема потреба од дополнителни мерки,“ истакна Мехмедовиќ.
Лекарите препорачуваат зголемена лична хигиена и изолација на учениците со симптоми за да се спречи ширењето на вирусот.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, преку писмено соопштение им посака успешен почеток на полугодието, нагласувајќи дека пријателската и безбедна средина во училиштата е клучна за квалитетно образование.
Според образовниот календар, наставната година завршува на 10 јуни, освен за матурантите, чија настава завршува на 16 мај 2025 година.