Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

3 000 учеснички ја истрчаа „Авицена Женска трка“ како радост на животот

Во Скопје денеска се одржа 11-то издание на Авицена Женска трка, во која учествуваа над 3 000 учеснички. Ова, според организаторите, е нов рекорд на натпреварувачки.

– Со денешната 11-та Авицена Женска трка, со поставен рекорд од 3 000 учеснички, припадничките на понежниот пол покажаа дека се грижат за себе, своето тело и здравје. Исклучително сум среќна што оваа трка од година во година привлекува сѐ поголем број натпреварувачки. Ги поканувам сите заинтересирани да се пријават и земат учество на трките во наредниот период, а секако ги чекаме и наредната година на 12-тото издание на Авицена Женска трка, изјави Гордана Николовска од Сојузот на спортови на Скопје.

Стартот и целта на 3 километарската трка беа на булеварот „Илинден“ кај фонтаната Лотос.

Победничка на овогодинешното издание на Авицена Женска трка беше Биљана Кираџиева за 10 минути и 56 секунди, второто место ѝ припадна на Рената Соколовска за 11 минути и 20 секунди, додека пиедесталот го дополни Фросина Михајловска за време од 11 минути и 30 секунди.

Стартот на трката го означи директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсоски, додека наградите ги додели градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров.

Доделени беа и признанија за најбрзите во седум возрасни категории. По доделувањето на наградите следуваше лотарија со извлекување на стартни броеви и најсреќните се здобија со подароци од партнерите на трката.

И оваа година Женска трка во соработка со Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, даде придонес во зголемување на јавната свест за мултипла склероза.

– Посебно задоволство ни претставува што оваа година учество зедоа и жени кои боледуваат од мултипла склероза и на тој начин докажаа дека покрај хроничната и макотрпна болест со која се соочуваат секој ден, достоинствено беа рамо до рамо со голем број наши соработници, искусни маратонци, познати и помалку познати лица и дадоа несебична поддршка во зголемувањето на општата свест за МС. На овој начин ги охрабрија сите лица со МС да бидат активни и докажаа дека се повеќе од МС, соопштија од Националното здружение.

Рацин.мк му благодари на Небојша Гелевски Бане за отстапените фотографии.
Повеќе од неговите фотографии на овој линк.

Зачлени се на нашиот е-билтен