Партијата на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, која ги застапува и заштитува правата на македонската заедница, побара од албанските власти под итно да ја забранат активноста на фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија, при тоа изразувајќи „длабока загриженост за тековните напори на бугарските власти и споменатата фондацијата да ја асимилираат македонската заедница“.
-Директно му се обраќаме најпрво на премиерот Еди Рама од кого уште еднаш бараме итна интервенција, негова и на надлежните институции да ги прекинат активностите на фондацијата „Бугарска меморија“ и нејзината криминална мрежа во областите каде што живее македонската заедница. Овие активности претставуваат сериозно мешање во внатрешните работи на Албанија, ја поткопуваат етничката толеранција и сериозно ја нарушуваат меѓузаедничката хармонија која отсекогаш била една од највисоките вредности на нашата земја, изјави за МИА, Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Според него, во дописот се потсетува дека на 24 јануари 2024 година, партијата упатила писмо во кое ја изразува големата загриженост во врска со „различните методи што ги користат овие структури, вклучително и коруптивни активности и неприфатливи притисоци врз македонската заедница во Албанија“.
-Конкретно, фондацијата „Бугарска меморија“, поддржана од различни бугарски структури, е вклучена во корупција на албанските функционери преку донации, со цел да се создаде криминална мрежа која се занимава со асимилација на Македонците во Албанија, манипулација со пописните податоци во областите со македонско малцинство и издавање лажни потврди за бугарско потекло и помош во бизнисот со бугарски пасоши.