Американскиот претседател Доналд Трамп бара Украина да ги снабдува САД со ретки метали како услов за помош на земјата разорена од војна, објави новинската агенција АФП.
„Сакаме да склучиме договор со Украина каде што тие со ретки метали и други работи ќе го обезбедат она што им го даваме“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
„Украина ја изрази својата подготвеност да соработува во снабдувањето со основни материјали. Многу сектори се потпираат на нив“, додаде тој. Тој не прецизираше какви материјали бара Вашингтон од Киев.
Трамп посочи дека добил гаранции од украинската влада дека тие ќе бидат отворени за аранжман со кој ќе им се даде пристап на САД до овие елементи, кои се од суштинско значење за модерната високотехнолошка економија.
„Сакам да имам безбедност на ретки минерали“, додаде Трамп во понеделникот. „Вложуваме стотици милијарди долари. Тие имаат голема ретка земја. И јас сакам безбедност на ретката земја, и тие се подготвени да го направат тоа“.
Трамп, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, вети дека брзо ќе стави крај на војната меѓу Русија и Украина, но не објасни како планира да го постигне тоа. Неговите соработници сугерираат дека преговорите би можеле да траат со месеци.
Трамп изрази подготвеност да разговара со Путин за завршување на војната, што е во спротивност со политиката на поранешниот демократски претседател Џо Бајден, кој избегнуваше контакт со рускиот лидер.
Изборната победа на Трамп во ноември ги зголеми надежите за дипломатско решение за ставање крај на руската инвазија на Украина, која започна во февруари 2022 година. Но, во Киев постои загриженост дека брзиот мировен договор може скапо да ја чини Украина.