Полската авторка Мира Марќинув доаѓа во Скопје по повод промоцијата на македонското издание на нејзиниот роман „Безматичник“.
„Значењето на ’Безматичник’ е семејство пчели останато без матица, како метафора за ќерката која останува без мајка си. Овој прв роман на Марќинув е преведен од полски на македонски од проф. д-р Лидија Танушевска“, велат од „ТРИ“, во чие издание е романот.
Промоцијата ќе се одржи на 13 февруари (четврток), со почеток од 19 часот, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, а промоторка на настанот ќе биде книжевната проследувачка Наташа Атанасова. Низ разговор со авторката, таа ќе навлезе во острата и сурово збунувачка книжевна и животна реалност, слична на пчеларник без матица.
Оттаму дополнуваат дека романот, кој е напишан на жив, современ јазик, може да се чита и како таговна бајка за љубовта меѓу мајката и ќерката, но и за животот на ќерката без мајка.
„Во ‘Безматичник’, Мира Марќинув се обидува да изнајде нов јазик за да ја опише загубата на саканата личност. Интимноста и недостигот таа ги претвора во книжевност: моќна, духовита и истовремено треперлива, сурово искрена, полна со нежност и копнеж… иако огромната празнина не може лесно да се пополни. ’Си живеела една девојка без мајка и без нокти, односно принцеза на Дизни’“, се вели во описот за романот.
„Безматичник“ е обид да се пронајде и да се разбере љубовта, желбата да се живее и бегството од смртта. Енергичен и феминистички роман за отсуството, сеќавањата, детството во посттранзициската реалност на 90-тите години. За една безмерна љубов каква што може да постои само меѓу мајка и нејзината ќерка.
Марќинув (1985) е писателка и филозофка, доктор по хуманистички науки и психологија на Јагелонскиот универзитет во Краков, доцент на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науките. Работи во Одделението за логика и когнитивни науки на Институтот за филозофија и социологија при Полската академија на науките. Авторка е на повеќе трудови: за историјата на полската психијатрија, за меланхолијата, за историјата на идеите, за книжевното лудило, за танцувањето и за животинската психопатологија. Се занимава со филозофија на психијатријата и теоријата на лудилото, со посебен осврт кон полското наследство.
„Безматичник“ е нејзин прв роман. Во 2020 година за него ја добила годишната награда за литература што ја доделува списанието „Политика“.