Украинската амбасадорка Дир: Ништо за Украина, без Украина

Украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир потенцираше дека од суштинско значење е почитување на принципот – ништо за Украина, без Украина.

Таа во интервју за „Цивил медиа“ изјави дека и Европа мора да биде вклучена на преговарачката маса кога станува збор за завршување на руската војна против Украина.

„Ова веќе го изјави Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој потенцираше колку е важно и неопходно да се назначи Специјален претставник кој ќе учествува во овој процес“ рече Дир.

Амбасадорката истакна дека САД се стратешки партнер на Украина, кои обезбедуваат многу значајна помош, но дека предвид мора да бидат земени и предлозите на европските земји за безбедносни гаранции и поддршка за Украина.

„Постојано мора да се движиме напред за да се спротивставиме на руската воена агресија, да ја дискутираме важноста на добивањето воени пакети за поддршка – во ова се потпираме и на поддршката од Северна Македонија и веруваме дека таа помош ќе продолжи. Премиерот Христијан Мицкоски, за време на Минхенската безбедносна конференција, изјави дека Северна Македонија е петта земја во НАТО по воената помош за Украина (по глава на жител). Ова не само што го цениме, туку тоа за нас, Украинците, е од витално значење“ рече Дир во интервјуто за „Цивил медиа“.

Украинската амбасадорка рече дека мора да има силни и сигурни безбедносни гаранции што целосно ќе ја спречат можноста за нова руска воена агресија врз Украина, како и било каква руска агресија против други европски држави.

„Кршлив прекин на огнот или обиди за ‘смирување’ на Кремљ, кој веќе три години се обидува да ја избрише Украина од политичката мапа на светот, кој врши геноцид врз Украинците, ја уништи безбедносната архитектура, ја погази Повелбата на ОН и го исмеа хуманитарното право, нема да обезбедат долгорочен мир и нема да го вратат меѓународното право во сила“ рече Дир.

Зачлени се на нашиот е-билтен