Дали министерот за локална самоуправа, Златко Перински, навистина ги слуша проблемите на општините или го користи владините активности како платформа за својата кандидатура за градоначалник на Скопје? Караванот „Каде што срцето е дома“ минува од општина во општина, а јавноста сè погласно прашува дали станува збор за предвремена изборна кампања.
Перински, кој не ја крие амбицијата да ја предводи метрополата, ваквите обвинувања ги отфрла, тврдејќи дека посетите се дел од неговите службени обврски.
„Обврска на министерот е да ги посети локалните самоуправи, да се запознае со нивното секојдневно работење и да придонесе за подобрување на состојбите. Жал ми е што ова министерство во минатото не беше доволно визибилно, иако има клучна улога во локалната политика и регионалниот развој. Доколку не посветиме внимание на овие теми, ќе продолжиме да се соочуваме со празнење на руралните средини и зголемена миграција кон главниот град“, изјави Перински.
Паралелно со теренските активности, Министерството работи на измени на Законот за локална самоуправа, предвидувајќи можност за отповикување на градоначалници, како и на нов јавен повик за финансирање на општински проекти.
„Досега имаме 35 апликации од шест локални самоуправи, а очекуваме нивниот број да се зголеми“, вели Перински.
Последните посети ги оствари во општините Аеродром, Гази Баба и Ѓорче Петров, а карванот продолжува.