Трамп го нападна Зеленски и го нарече диктатор

Фото: www.president.gov.ua

Американскиот претседател Доналд Трамп остро го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на неговата социјална мрежа Truth Social.

„Замислете, умерено успешен комичар, Володимир Зеленски, ги убеди САД да потрошат 350 милијарди долари, да влезат во војна која не може да се добие, која никогаш не требаше да се започне, но војна која тој, без САД и ТРАМП, никогаш нема да може да ја реши. САД потрошиле 200 милијарди долари повеќе од Европа, а европските пари се загарантирани, додека САД нема да добијат ништо назад. Зошто Заспаниот Џо Бајден не побара баланс во оваа војна која е многу поважна за Европа отколку за нас. Имаме голем, прекрасен океан кој не разделува“, напиша Трамп.

„Згора на тоа, Зеленски признава дека половина од парите што му ги испративме недостасуваат. Тој одбива избори, се рангира многу ниско на украинските анкети, а единственото нешто во што е добар е да го свири Бајден како виолина. Како диктатор без избори, Зеленски подобро да побрза или ќе остане без земја“ пишува Трамп.

Тој додава дека САД успешно преговараат за крај на војната со Русија и обвинува дека Бајден и Европа не се обиделе и не успеале да донесат мир.

„ Ја сакам Украина, но Зеленски заврши ужасна работа, неговата земја е скршена, а МИЛИОНИ умреа без потреба. И така оди“, додаде Трамп.

Да потсетиме, претседателскиот мандат на Зеленски истече минатиот мај, но Украина е во вонредна состојба од руската инвазија во февруари 2022 година, што значи дека претседателските избори се суспендирани.

Трамп веќе синоќа, говорејќи од Флорида, го повтори предлогот Зеленски да одржи избори во Украина како услов за мир, што предизвика загриженост дека Москва би можела да ги искористи изборите за да номинира проруски кандидат кој ќе се согласи со мировните услови поволни за Москва.

Трамп изјави дека барањето за претседателски избори во Украина дошло до него. „Имаме ситуација кога не се одржаа избори во Украина, каде што имаме вонредна состојба, всушност вонредна состојба во Украина, каде што лидерот во Украина, мислам, мразам да го кажам тоа, но тој има само четири отсто поддршка“, истакна тој.

„Ако Украина сака место на масата, зарем луѓето не треба да кажат дека поминало долго време откако немале избори? Тоа не е работа на Русија, тоа е нешто што доаѓа од мене и доаѓа од многу други земји“, додаде тој.

Инаку, денеска беше објавена нова анкета, според која Зеленски ужива поддршка од 57 отсто од Украинците.

Телефонската анкета на 1.000 луѓе на престижниот Киевски Меѓународен институт за социологија покажа дека 57 отсто од испитаниците му веруваат на Зеленски, додека 37 отсто рекле дека не му веруваат, а останатите испитаници биле неопределени.

Анкетата, исто така, покажа дека довербата во Зеленски е зголемена за пет процентни поени од последната анкета спроведена во декември, и покрај тоа што Украина претрпе воени неуспеси. Од март 2022 година, по руската инвазија, рејтингот на украинскиот претседател се зголеми на 90 отсто, според институтот.

Зеленски успеа да „задржи прилично високо ниво на доверба“ меѓу луѓето, напишаа авторите на анкетата. Жителите на јужна и источна Украина изразуваат малку помала доверба во Зеленски, а 55 отсто од нив му веруваат.

Поранешниот украински претседател Петро Порошенко најави дека украинските власти ќе одржат избори пред крајот на годината. „Запишете го – 26 октомври оваа година“, рече тој во едно неодамнешно интервју.

Но, Дејвид Арахамија, парламентарниот лидер на партијата Слуга на народот на Зеленски, го негираше тврдењето на Порошенко во објава на Телеграм. „За време на вонредна состојба не може да се одржат избори […] Лидерите на сите партии се согласија дека нема да се одржат избори најмалку шест месеци по завршувањето на вонредната состојба“, рече Арахамиа.

Порошенко, украинскиот претседател од 2014 до 2019 година, кој своето богатство го стекна во кондиторски бизнис, ја загуби трката за втор мандат од Зеленски.

Зачлени се на нашиот е-билтен