Поминува еден месец откако американскиот претседател Доналд Трамп влезе во Белата куќа, па веќе се појавуваат и првите анкети за неговиот рејтинг и одобрувањето на неговата работа.
Американците редовно им даваат на своите лидери многу ниски оценки во последниве години, како одраз на националните фрустрации во однос на економијата и политиката.
Анкетите на Ројтерс/Ипсос редовно бараат од Американците ширум земјата да размислат за работата на претседателот Доналд Трамп.
Според последната анкета, рејтингот на Доналд Трамп започнува да паѓа веднаш со неговото доаѓање на функција. На 20 јануари, Трамп имал поддршка од 47 отсто од Американците, додека денес таа поддршка паѓа на 44 отсто. Само 39 отсто од Американците ги оправдуваат неговите економски политики, споредено со 53 отсто за време на неговиот прв мандат.
Анкетата доаѓа додека Трамп се обидува да ги промени внатрешните, но и надворешните политики на САД.
Денес, американскиот претседател го нарече претседателот на Украина, Володомир Зеленски диктатор, истакнувајќи дека има низок рејтинг во Украина.
Инаку, денеска беше објавена нова анкета, според која Зеленски ужива поддршка од 57 отсто од Украинците.
Телефонската анкета на 1.000 луѓе на престижниот Киевски Меѓународен институт за социологија покажа дека 57 отсто од испитаниците му веруваат на Зеленски, додека 37 отсто рекле дека не му веруваат, а останатите испитаници биле неопределени.
Анкетата, исто така, покажа дека довербата во Зеленски е зголемена за пет процентни поени од последната анкета спроведена во декември, и покрај тоа што Украина претрпе воени неуспеси. Од март 2022 година, по руската инвазија, рејтингот на украинскиот претседател се зголеми на 90 отсто, според институтот.