Зеленски: Трамп живее во простор од руски дезинформации

Фото: EPA-EFE/LESZEK SZYMANSKI

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори на критиките на Доналд Трамп кон Киев, велејќи дека неговиот американски колега „живее во простор од дезинформации“ создаден од Русија.

Во вторникот, претседателот Трамп ја обвини Украина за војната и посочи дека рејтингот на популарноста на украинскиот лидер е дури 4%. Трамп говореше по американско-руските разговори во Саудиска Арабија на кои беше изоставена Украина.

Во своите први коментари по разговорите, рускиот претседател Владимир Путин рече високо го цени разговорите во Ријад и дека Трамп му рекол дека Украина ќе биде дел од секој иден процес на разговори.

Зеленски рече дека е право на Америка да разговара за билатерални прашања, но дека САД му помогнале на Путин „да излезе од долгогодишната изолација“.

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој учествуваше на разговорите, го пофали претседателот Трамп што го прифатил постојаното тврдење на Москва дека „една од основните причини“ за војната е „насилната линија на администрацијата на Бајден за вовлекување на Украина во НАТО“.

Претставникот на Трамп за Украина, Кит Келог, во средата пристигна во Киев во мисија да „седи и да ја слуша“ позицијата на Украина. Келог не беше дел од американскиот тим што се сретна со руски претставници во Ријад.

Речиси три години откако Русија ја започна својата целосна инвазија на Украина, европските нации се обидуваат да одговорат на случувањата оваа недела.

Францускиот претседател Емануел Макрон во средата имаше неформални разговори за Украина со лидери од голем број европски држави, како и од Канада.

Зборувајќи со новинарите во средата, Зеленски ја обвини Русија дека лажела за време на „озлогласениот состанок“ во вторникот во главниот град на Саудиска Арабија, каде што САД и Русија се согласија да започнат преговори за крај на војната.

„Со сета почит кон претседателот Доналд Трамп како лидер… тој живее во овој простор на дезинформации“, рече тој.

Тој додаде дека Украина има „докази“ дека Русија шири дезинформации за неговиот рејтинг на одобрување и „за овие бројки се разговара меѓу Америка и Русија“.

Зеленски доби петгодишен мандат во 2019 година и остана на функцијата бидејќи изборите беа суспендирани откако беше прогласена воена состојба по целосната инвазија на Русија.

На прашањето за тврдењата за неговата популарност, Зеленски рече дека иако никогаш не коментирал за рејтингот на популарноста, една анкета покажа дека тој е 58%.

Тој рече дека сака пратеникот на Трамп во Украина да „шета по улиците на Киев“ и „сам да види сè“.

Зеленски, исто така, јасно стави до знаење дека нема да ја продаде својата земја во замена за идните безбедносни гаранции кои им даваат на САД голем удел во минералните ресурси на Украина.

Тој рече дека војната досега чинела 320 милијарди долари, од кои околу 200 милијарди долари дошле од САД и ЕУ.

Тој рече дека САД тврделе дека 90 отсто од поддршката на Украина доаѓа од нив, и додека тој е благодарен за американската поддршка, „вистината е на друго место“.

Зачлени се на нашиот е-билтен