Италијанската премиерка Џорџа Мелони изрази уверување дека САД и Европа ќе останат блиски партнери, и покрај загриженоста околу можните промени во американската надворешна политика со Доналд Трамп како претседател.
Потенцијалното приближување меѓу Вашингтон и Москва предизвикува несигурност во Киев и во многу европски земји.
Обраќајќи се на англиски јазик преку видео врска на Конференцијата за политичко дејствување на конзервативците (ЦПАЦ), што се одржа во близина на Вашингтон, Мелони нагласи дека е убедена оти трансатлантските односи нема да бидат нарушени.
„Нашите противници се надеваат дека претседателот Трамп ќе се дистанцира од нас, но знаејќи го како силен и ефективен лидер, се обложувам дека оние што се надеваат на поделба ќе згрешат“, рече Мелони.
Од почетокот на руската инвазија, Италија доследно ја поддржува Украина, вклучително и со испорака на воена помош. Мелони потсети на значајната улога на Европа и САД во поддршката на Киев, истакнувајќи дека „изминатите три години бевме обединети во напорите, додека храбриот украински народ се бореше за својата слобода против агресијата“. Таа додаде дека е неопходно да се продолжи заедничката работа за да се обезбеди праведен и одржлив мир.
Во овој контекст, нејзините поддржувачи ја гледаат како потенцијален мост меѓу Брисел и Вашингтон, особено во период кога односите меѓу САД и Европа би можеле да се најдат пред нови предизвици.