Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Намалува сеизмичката активност кај Санторини, но училиштата остануваат затворени

Фото: Pedro Szekely/Flickr

Поради сеизмичката активност во морскиот регион помеѓу Санторини и Аморгос, училиштата на четири грчки острови ќе останат затворени уште една седмица, објави Министерството за климатски кризи и цивилна заштита на Грција.

Од почетокот на февруари, регистрирани се повеќе од 1.368 земјотреси со јачина над три степени. Училиштата на Санторини, Иос, Аморгос и Анафи се затворени уште од 1 февруари, а одлуката за продолжување на затворањето важи до 28 февруари. Следниот состанок на надлежните комисии ќе се одржи в четврток попладне за да се разгледа враќањето на учениците во училиштата.

Комисијата за процена на сеизмичката опасност и Комисијата за следење на вулканските активности констатираа дека активноста во морскиот регион помеѓу Санторини и Аморгос е намалена, со преку 1.368 земјотреси регистрирани од 1 февруари, а најсилниот од нив достигнал магнитуда од 5,3 степени. Според нивните проценки, сеизмичката активност е предизвикана од подводни раседи, додека деформацијата на тлото во поширокиот регион на Санторини е забавена.

Во меѓувреме, властите апелираат на граѓаните да ги следат превентивните мерки, како што се избегнување на големи собири во затворени простории, избегнување на напуштени објекти и пристаништа, како и да бидат внимателни при движењето по патиштата поради можноста од одрони. Во случај на силен земјотрес, граѓаните се потсетуваат да ги евакуираат крајбрежните области.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека бројот на земјотреси се намалил во последните 24 часа, но дека научниците продолжуваат да ја следат активноста и дека ќе треба време за да се стабилизира ситуацијата. За поддршка на локалните бизниси и жителите, Министерството за внатрешни работи обезбедило вонредна помош од 850.000 евра за Санторини, Аморгос, Анафи и Иос.

Зачлени се на нашиот е-билтен