„Скандалозната најава од вицепремиерот Меџити отвора сериозни сомнежи за постоење на веќе подготвени списоци со имиња на ‘подобните’ партиски кадри, кои треба да се вдомат во јавниот сектор. Очигледно станува збор за политички дил меѓу ВЛЕН и ДПМНЕ односно меѓу Мицкоски и Меџити за робусно полнење на јавната администрација со луѓе блиски до владејачките партии“ изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска на прес-конференција.
Таа додаде дека Меџити најавил робусна акција за најголеми партиски напад врз институциите со нови 3000 вработувања во државната администрација.
„ Пред локалните избори власта спремила робусно полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе и младите остануваат без никаква шанса. Затоа Македонија ги губи младите, поради корупција, партиски клиентелизам и нееднакви можности. Способните си заминуваат бидејќи знаењето се заменува со партиски кадри“ рече Кузеска.
Таа додаде дека ДКСК мора веднаш да отвори предмет по оваа изјава на Меџити, а сите моментални вработувања во администрацијата да бидат стопирани и да се обезбеди целосна истрага за овој скандал.