Папата Франциск денеска испрати порака од болницата, посветувајќи ја на Украина. Утре се одбележува третата годишнина од разорната војна против Украина – болен и срамен момент за целото човештво, според Папата.
И покрај тоа што ја потврди својата солидарност со напатениот украински народ, Папата ги повика сите да се сеќаваат на жртвите од сите вооружени конфликти и да се молат за мир во Палестина, Израел и на целиот Блиски Исток, како и во Мјанмар, Киву и Судан.
Папата, исто така, изрази длабока благодарност за љубовта и поддршката што ја добил, особено за трогателните писма и цртежите од децата за неговата состојба. „Благодарен сум за вашата поддршка и утешните молитви што ги добив од целиот свет“, напиша тој.
За сопствената состојба, папата Франциск сподели дека неговото лекување од пневмонија е во тек, а има целосна доверба во лекарите во болницата Гемели. „И одморот е дел од терапијата. Искрено им благодарам на лекарите и здравствените работници во оваа болница за грижата што ја даваат и посветеноста со која ја извршуваат својата работа среде маките“, рече тој.
Прес-службата на Ватикан утринава извести дека папата Франциско ја поминал мирно деветта ноќ во болница.