Софиското јавно обвинителство поднесе обвиненија против пет лица – четворица возрасни и еден малолетник – поради хулиганско однесување со исклучителна дрскост за време на вчерашниот протест на партијата „Преродба“ во главниот град на Бугарија.
Според обвинителството, дел од обвинетите се спротивставиле на полицијата пред зградите на Европската комисија и Европскиот парламент.
Заменик-обвинителот Атанас Доцински изјави дека обвинетите се соочуваат со можни затворски казни до пет години, додека за малолетникот е предвидена максимална казна од две години. Судот утре ќе одлучува за мерките за притвор.
Протестот, кој беше организиран во знак на противење на воведувањето на еврото, започна пред Народната банка на Бугарија, а потоа се пресели пред канцеларијата на Европската комисија. Демонстрантите фрлаа пиротехнички средства и црвена боја врз фасадата на зградата, при што дојде до судири со полицијата, во кои беа повредени десет полицајци.
Обвинителството продолжува со истрагата и работи на идентификација на други учесници во насилствата. Полицијата посочи дека протестот бил организиран од пратеници на „Преродба“, кои претходно уверувале дека нема да дојде до инциденти.