Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, реагираше на информациите дека Македонија ја сменила страната и, од поддржувач на Украина, се престроила зад резолуцијата на САД во која воената окупација е оквалификувана како „конфликт“.
Во соопштението испратено до медиумите пишува:
„Одлуките на Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери, информираа попладнево од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија во однос на Резолуцијата за Украина“.
Оттаму посочуваат дека особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.
„Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата“. – велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Во оваа насока, од Министерството потсетуваат дека како и во изминатите три години, така и денес и во иднина, Република Северна Македонија останува силно приврзана кон севкупните напори на меѓународната заедница, особено на САД и Европската Унија, за што побрзо постигнување на прекин на воените дејствија и обезбедување на траен и одржлив мир, како во Украина, така и пошироко во регионот и светот.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска рече дека Македонија е една од земјите коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за Украина. Истовремено ЕУ, предводена од Германија и Франција, поднесува своја резолуција.
На новинарско прашање „Зошто земјава се одлучи на ваков чекор“?, премиерот на Владата, изјави „па, така одлучивме дека ќе бидеме коспонзори на резолуцијата поднесена од САД“.
Мицкоски кратко додаде дека очекува истата да биде поддржана од мнозинството во рамките на Обединетите нации.
Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за неутрална нацрт-резолуција за Украина предложена од САД. Како што објави агенцијата РИА Новости, соодветната нацрт-резолуција на Советот за безбедност на ОН го отсликува документот на Генералното собрание на Светската организација предложен од САД.
САД за првпат одбија да бидат коавтор на нацрт-антируската резолуција на Генералното собрание на ОН за Украина и во документот предложен од нив не се обвинува Русија за почеток на конфликтот. Текстот на резолуцијата, исто така, изразува тага во врска со трагичната смрт на луѓето во руско-украинскиот конфликт и апелира за негов што побрз крај.
САД во четвртокот одбија да го поддржат текстот подготвен од Украина и ЕУ.
Според МНР, тоа што го слушаме и што го гледаме не е тоа, односно промената на ставот не треба да се толкува „како повлекување или промена на претходно изразените позиции“ околу Украина, или во превод Македонија не и врти грб на оваа земја и не и врти грб на ЕУ.
Министерот Муцунски, кој петпати досега престојуваше во САД за да се доближи до новата администрација во Вашингтон, немал доблест ни да застане зад ова објаснување на МНР, а одлуката и ја препишува на „Република Северна Македонија“ место да каже дека тоа е одлука на Владата. Уште повеќе во бирократското објаснување МНР инсистира дека промената на ставот е во интерес на Украина и украинскиот народ и дека одлуката ја донеле по темелно анализирање. Поентата е дека, според МНР и Владата, можеш да ја поддржуваш политиката на Трамп за Украина и во исто време и таа на ЕУ, иако во Брисел се згрозуваат од пораките од САД.
-Одлуките на Република Северна Македонија во поглед на поддршката и гласањето за резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации се донесени врз основа на темелно истражување и анализа на актуелните глобални надворешно-политички движења, утврдените позиции на влијателните меѓународни чинители, нашата заложба за зацврстување на мирот, безбедноста и просперитетот во светот, како и стратешкиот интерес на државата за создавање стабилна позиција и градење поцврсти односи со нашите стратешки партнери.
Во таа насока, особено се земени предвид и актуелните силни заложби на претседателот на САД и американската администрација за побрзо завршување на воените активности меѓу Украина и Руската Федерација преку водење ефективни и непосредни преговори, чија основна цел е што поскоро постигнување на траен мир и безбедност во Украина и поширокиот регион.
Донесените одлуки во врска со нашето спонзорирање и гласање за резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат и не треба да бидат толкувани како повлекување или промена на претходно изразените позиции. Напротив, со нив Република Северна Македонија ја реафирмира цврстата поддршка за Украина и продолжува со осудата на агресијата на Руската Федерација, истовремено изразувајќи силна солидарност и одговорност кон украинскиот народ и неговите напори за целосна заштита на територијалниот интегритет, суверенитетот, независноста, слободата и демократијата.