Мецола од Вашингтон: ЕУ и САД можат да најдат начин како сите да победиме

Светот денес се потпира на силата на трансатлантските односи, кои ја надминуваат меѓусебната трговска и индустриска соработка, порача синоќа претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола во обраќањето на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон. 

– ЕУ и САД застанаа на иста страна на историјата не затоа што сме хомогени, туку затоа што нашите најголеми победи доаѓаат од нашата заедничка убеденост да го правиме она што е правилно. Ова партнерство е важно, нагласи Мецола. 

Таа се осврна на заедничките вредности што во текот на децениите ги застапуваа двете страни, меѓу кои достоинството на секое човечко суштество, еднакви можности за секој да го достигне својот целосен потенцијал, правдата и правото сите да се чувствуваат безбедно и да живеат во безбедност и вербата во слободата.  

– Индивидуалната слобода, слободната трговија, слободата да не се согласуваме и камен темелникот на сè: слободата на говорот, рече Мецола. 

Според неа, поттикната од чувството на фрустрација што гласачите го изразија на ланските избори за членови на Европарламентот, ЕУ како врвен приоритет на својата агенда го постави поедноставувањето на системот, наместо комплицирањето, со цел да се најдат решенија со кои ќе им се олесни на компаниите да водат бизнис со и во Европа.  

Таа нагласи дека ваквиот пристап на ЕУ е воден од погледот кон иднината, па затоа таа е „отворена за бизнис“, но подготвена е и да реагира цврсто и веднаш против неоправданите бариери за слободната и фер трговија, вклучително и на царините. 

– ЕУ и САД можат да најдат начин како сите да победиме. Затоа мислам дека треба да разговараме за трговски договори, наместо за царини. Ние не треба да „искористуваме“ никого, нагласи Мецола, алудирајќи на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека ЕУ е формирана само за да ја „искористува“ Америка.  

Зачлени се на нашиот е-билтен