Од руската инвазија на Украина пред три години, динамиката на односите меѓу Москва и Пекинг е под лупа.
Многу коментатори веруваат дека исходот од војната може да има значително влијание врз геополитичките амбиции на Кина, но степенот на поддршка што Кина продолжува да ѝ го дава на Русија исто така се смета за важен. Во тој контекст, изјавите на кинескиот претседател Си Џинпинг денеска укажуваат дека односите меѓу двете земји не се загрозени.
„Кина и Русија се пријателски соседи поврзани со заедничка граница и вистински пријатели кои поминале низ многу предизвици“, ја цитира кинеската државна телевизија изјавата на Си Џинпинг на состанокот со секретарот на рускиот совет за безбедност Сергеј Шојгу.
Кинескиот лидер додаде дека оваа година веќе двапати разговарал со Владимир Путин.
„На највисоко ниво, подготвивме план за развој на односите меѓу Кина и Русија и детално разговаравме за голем број важни глобални и регионални прашања“, додаде тој.