Редакцијата на Рацин.мк од денеска започнува со фељтонот „Енвер Хоџа: Канџите на црвениот терор“, што е единственото нешто што како „позитивно“ може да се извлече од „поклонението“ на Димитар Апасиев и останатите од лидерството на Левица на гробот на албанскиот диктатор Енвер Хоџа – поттик да се потсетиме на страховладата и злосторствата на овој диктатор, кој ќе остане запомнет по изолацијата и градењето бункери во Албанија, земја којашто кога почина, во 1985 година, беше третата најсиромашна држава во Европа со БДП по глава на жител од само 15 долари месечно.
Екстремната колективизација на имотите на Албанците го доведе до глад на населението по селата, помогнато со целосната изолација од остатокот од светот, поради што земјоделците користеле алати и технологија од дваесетите години од дваесеттиот век.
Наместо модернизација на државата, борба со недостатокот на живеалишта, храна и изградба на патишта, Хоџа во Албанија воведе програма за „бункеризација“ и на територијата на државата изгради повеќе од 750 илјади бункери.
За време на владеењето на Енверн Хоџа чести биле и политички мотивираните ликвидирања на неистомисленици во Албанија, каде што според проценките од 25 до 100 илјади неистомисленици на Хоџа биле убиени, затворени или испратени во работнички кампови.
Aлбанија на Енвер Хоџа беше целосно заробена и изолирана држава, слично како што е денес Северна Кореа, со речиси непостоечка соработка со останатите држави и без почитување на правата на граѓаните.
За сите овие ѕверства на Сигурими под водство на Хоџа, од кои страдал во еден период секој трет Албанец (значи можеби и над милион Албанци), исто така постојат сериозни истражувања и филмови. А едно од поновите е книгата „Енвер Хоџа“ на Бленди Февзиу, познат албански новинар и истражувач, од која е направен и документарец.
Редакцијата на Рацин.мк со овој фељтон насловен „Енвер Хоџа: Канџите на црвениот терор“ ќе пренесе во неколку делови извадоци од книгата што на македонски јазик за објави Фондацијата отворено општество на Македонија.
Првиот дел од фељтонот со наслов „Смртта дојде без да чукне на вратата“ ќе биде објавен денеска во 17.00 часот на порталот Рацин.мк.