Денеска низ улиците на Скопје ќе се одржи традиционалното женско рели, организирано од Автомобилистичката федерација на Северна Македонија (АФСМ). Настанот, кој се одржува по шести пат, има за цел да ги поттикне жените да се вклучат во автомобилизмот и да ја промовираат културата на одговорно возење.
Релито е составено од два дела: градско возење по однапред зададена рута, која ќе им биде соопштена непосредно пред стартот, и брзински испит – т.н. гимкана. За учество, натпреварувачките мора да имаат возачка дозвола и сопствено возило, а во тимот задолжително имаат и совозач.
„Преку овој натпревар на вештини и брзина, сакаме да ги охрабриме девојките и жените да се вклучат во овој убав спорт. Нашата федерација не само што придонесува за забава, туку и за развој на свесноста за безбедност во сообраќајот. Важно е да испратиме силна порака за еднаквост, позитивен дух и почит кон сите учесници во сообраќајот,“ изјави Кристина Станојковска, потпретседателка на АФСМ.
Настанот е поддржан од повеќе домашни и меѓународни партнери, а АФСМ, како членка на Светската автомобилистичка федерација, продолжува да работи на промоција на автомобилизмот во земјата.