Маск и Рубио во судир со Сикорски: Биди тивок и благодарен

Американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот на Трамп, Илон Маск се судрија со полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, велејќи му дека треба да биде тивок и благодарен што Русија не е на границите на Полска.

Во објавата на X, повикувајќи на мирно решавање на војната во Украина, Маск изјави дека неговиот систем Starlink е „’рбетот“ на украинската војска.

Starlink, кој обезбедува интернет конекција користејќи сателити на SpaceX, е од клучно значење за украинските воени операции, а Маск тврди дека украинската линија на фронтот би пропаднала без неговата технологија.

„Буквално го предизвикав Путин на физичка пресметка еден на еден околу Украина, а мојот систем Старлинк е столбот на украинската војска. Целата нивна линија на фронтот ќе се урне ако ја исклучам“, напиша тој на X.

Полскиот министер за надворешни работи Сикорски одговори на тврдењата на Маск со објава на X, истакнувајќи дека полското Министерство за дигитализација плаќа околу 50 милиони долари за пристап на Украина до Старлинк, па Полска може да одлучи да ги насочи тие средства на друго место.

„Оставајќи ја настрана етиката за заканување на жртвата на агресија, доколку SpaceX се покаже како несигурен давател на услуги, ќе бидеме принудени да бараме други добавувачи“, напиша Сикорски.

Рубио веднаш застана во одбрана на Маск, обвинувајќи го Сикорски за фабрикување факти.

„Никој не се закануваше дека ќе го прекине Старлинк за Украина“, напиша Рубио, додавајќи: „И кажете благодарам бидејќи без Старлинк, Украина одамна ќе ја изгубеше оваа војна, а Русите сега ќе беа на границата со Полска“.

Маск исто така му одговори и на Сикорски:

„Нема замена за Старлинк. Биди тивок, мало човече. Плаќаш само мал дел од трошоците“.

Зачлени се на нашиот е-билтен