Украина прифати 30-дневен прекин на огнот, САД ќе продолжат со воената помош за Киев

Украина прифати итен 30-дневен прекин на огнот во конфликтот со Русија, за време на разговорите со американските претставници во Саудиска Арабија, се наведува во заедничката изјава на земјите.

Американскиот државен секретар, Марко Рубио изјави дека ќе ја пренесе понудата до Москва и дека одговорот сега зависи од руската страна. Според договорот, САД ќе продолжат да споделуваат разузнавачки информации со Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој исто така беше во Саудиска Арабија, но не учествуваше во директните разговори, го оцени прекинот на огнот како „позитивен предлог“. Според него, договорот не се однесува само на воздушните и морските борби, туку и на целата линија на фронтот.

По повеќе од осум часа разговори, беше издадена заедничка изјава во која се истакнува дека Украина е подготвена да го прифати предлогот на САД за итен, привремен 30-дневен прекин на огнот. Доколку се постигне заеднички договор, примирјето би можело да се продолжи, но конечната реализација зависи од Русија.

„Соединетите Американски Држави ќе и соопштат на Русија дека реципроцитетот е клучен за постигнување мир“, се наведува во соопштението. Во него исто така се потврдува дека САД ќе ја обноват разузнавачката соработка со Украина и ќе продолжат со воената поддршка.

Дополнително, Вашингтон и Киев се договорија што е можно побрзо да склучат сеопфатен договор за развој на критичните минерални ресурси на Украина. Овој договор беше предмет на преговори со недели, но беше доведен во неизвесност по неодамнешната средба меѓу Зеленски и американскиот претседател Доналд Трамп.

Зеленски потврди дека Украина и САД ќе работат на финализирање на договорот за минералите, додека еден од неговите најблиски соработници изјави дека биле разгледувани и опции за безбедносни гаранции за Украина, без да открие дополнителни детали.

Зачлени се на нашиот е-билтен