Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата

Трансплантација на бубрег чекаат околу 160 пациенти во државата. Во моментов на дијализа одат 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа, распоредени низ 17 градови. Најмладиот пациент на дијализа имал само четири години и тој, за среќа, сега веќе е трансплантиран. Најмладиот пациент кој посетува центар за дијализа има 13 години.

Од Здружението на бубрежно болни „Нефрон“ бараат креирање на глобална стратегија за справување со бубрежните заболувања, со акцент на превенцијата и раниот скрининг за навремено откривање на болеста. Потребен е систем каде бубрежно болните лица ќе може да ги остварат нивните права без да лутаат по здравствените и социјални лавиринти, со психо-социјална поддршка на пациентот и семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство, велат од „Нефрон“.

Поради реновирање на одделението на Урологија, годинава не е направена трансплантација

Годинава, не е направена ниедна трансплантација, поради реновирање на одделението на Клиниката за урологија. Директорот на Универзитетската клиника за урологија во Скопје, Башким Шабани за МИА појаснува дека во моментов имаат четири болнички соби, каде се вршат интервенции само на итни случаи и карциноми.

– Се планира реновирањето да заврши најдоцна до 15 април и по ова ќе почнеме со трансплантација на ливинг-донор и кадаверична трансплантација. Напоменувам дека во овој момент Центарот за трансплантација е нефункционален поради фактот што во тие простории биле третирани прележаните пациенти со коронавирус и поради тоа што технички не е функционален, а за жал, овие простории за време на пандемијата биле оштетени. По завршување на реновирањето, се предвидува реновирање и на Центарот за трансплантација, вели Шабани.

Од 1977 година до денес извршени се 596 трансплантации, од кои, 512 од жив донор и 84 кадаверични.

– Во споредба со другите балкански земји, ние сме на врвот, во подобра состојба со трансплантација на бубрези. Во однос на европските земји, сме многу далеку наназад, вели Шабани. 

Најмладиот пациент на кој му е извршена бубрежна трансплантација е на 15-годишна возраст, а најстариот има 67 години. Според Шабани, листата на чекање за трансплантација на бубрег во нашата држава е долга.

– Околу 160 пациенти чекаат за ливинг-донор и кадаверична трансплантација, нагласува Шабани.

Тој вели дека на Клиниката има доволно стручен кадар, а во иднина се планира да има најмалку три екипи за трансплатација. 

– Има посебна екипа која се занимава со трансплантација на бубрези, но, освен оваа, има и втора екипа за трансплантација од искусни уролози, кои ќе ги користат искуствата од нашата клиника, а едновремено, е направен план за едукација во развиените центри за трансплантација и во иднина, планираме да има најмалку три екипи за трансплантација, појаснува Шабани.

Преку националниот координатор за трансплантација и Министерството за здравство, планирани се континуирани едукации во најразвиените центри за трансплантација, со цел да се донесат новите искуства за трансплантацијата и да се зголеми бројот на трансплантации кај нас. 

Болеста се игнорира сѐ додека не се појават тешки симптоми, кога нема враќање назад

Душко Ѓоргиев, претседател на здружението на бубрежно болни граѓани – „Нефрон“, вели дека бубрежните заболувања се сериозен предизвик со што се соочуваат скоро сите здравствени системи во светот. 

– Затоа што 1 од 10 возрасни има некоја форма на бубрежно оштетување и затоа што хроничната бубрежна болест во раните стадиуми е тивка и подмолна болест без симптоми, па пациентите воошто не се свесни за болеста и за последиците што може да произлезат од неа. Недоволно развиениот систем за превенција и рано откривање на болестите, е, една од причините да нема ниту доволно развиена свесност кај населението, истакнува тој. 

Свесноста кај населението за оваа болест, според Ѓоргиев, се развива преку едукација и достапност на превенцијата за секого и секаде. 

– Податоците говорат дека скоро 90 отсто од луѓето кои се соочуваат со хронична бубрежна болест, го игнорираат нејзиното постоење, сѐ додека не се соочат со тешки симптоми или многу напредната фаза на болеста од што веќе нема враќање назад. За таа цел, во изминативе 22 години, апелираме за превенција и свесност за бубрежните болести, подвлекува Ѓоргиев. 

Тој вели дека за бубрежните болести потребно е да се применуваат универзални правила.

– Проверка на здравјето на бубрезите најмалку еднаш годишно преку проверка на крвта и тестови на урината што се широко достапни, како и редовно следење и регулирање на ризик факторите што доведуваат до хронична бубрежна болест, а тоа се регулирање на крвниот притисок, регулација на шеќерот во крвта и одржување на добра телесна тежина, практикување здрав живот и консумација на здрава исхрана и течности, нагласува претседателот на здружението. 

Имајќи предвид дека 850 милиони луѓе ширум светот се соочуваат со хроничната бубрежна болест, државава не отстапувала од светската статистика и статистиката во регинот. Околу 10 милиони луѓе во светот биле во краен стадиум на болеста кога бубрезите откажуваат и имале потреба од лекување со дијализа или трансплантација, но, многу од нив не ја добивале, поради недостаток на ресурси и финансиски бариери во различни делови на светот.

– Во Македонија имаме социјален здравствен систем и правото на лекување, особено со дијализа, е загарантирано право што го добиваат околу 1.657 пациенти во 23 центри за дијализа распоредени низ 17 градови. Хроничната бубрежна болест не прави разлики по возраст, пол или каква било друга разлика, па ги погодува и најмалите деца и најстарите пациенти. Според последното истражување што го правеше здружението, најмладиот пациент на дијализа беше четири години, но, тој, за среќа, сега веќе е трансплантиран. Најмладиот наш член кој е на дијализа во центар, има само 13 години, посочува Ѓоргиев во изјава за МИА.

Неопходни нефролошки амбуланти низ државата и лекови на Позитивна листа 

Според податоците со кои располагаат во Здружението на бубрежно болни граѓани, на листата за чекање за трансплантација на бубрег од кадавер имало околу 100 – 150 пациенти. За жал, вели претседателот Ѓоргиев, таа листа не ја одразувала вистинската бројка.

– Во услови кога трансплантацијата од кадавер не е развиена доволно, пациентите на дијализа не се запишуваат на листата за чекање затоа што потребната типизација и испитувањата што треба да ги направат се многубројни, сложени, бараат време и финансиски средства. Минатата година ја завршивме со две кадавери (четири бубрежни трансплантации) и тоа има голем одраз на вербата на пациентите во тоа дека ќе дочекаат орган од листата. За жал, Програмата за трансплантација за 2025 година предвидува пет кадавери што во старт е премалку за потребите и очекувањата на пациентите. Очекуваме многу повеќе да се направи, особено во кадаверичните трансплантации. За жал, по број на трансплантации на бубрези заостануваме и во регионот и пошироко, веќе подолг период. Се залагаме за поголем број кадаверични трансплантации, без ограничување на бројот со годишна програма, туку да се трансплантираат сите обезбедени органи, подвлекува тој во изјава за МИА.

Ѓоргиев вели дека според досегашните сознанија, ХББ претставуваше седма водечка причина за смртност во светот. Според најновите податоци се предвидува дека до 2040 година ќе стане петта водечка причина за предвремена смрт кај населението.

За навремено дијагностицирање и следење на болеста, нагласува Ѓоргиев, треба да има развиена мрежа на нефролошки амбуланти во земјата, каде секој пациент ќе може да дојде правовремено до потребната услуга. 

– Тоа значи рано откривање и приспособени регистри за добро следење на болеста што ќе обезбедат соодветно лекување, навремено креирање на васкуларен пристап, адаптација и прифаќање на болеста и избор на третман според индивидуалните потреби и можности на пациентот. Потребно е да се зголеми и достапноста на перитонеаланта дијализа, а и да се размислува за воведување домашна дијализа што е пракса ширум светот, а во соседството ја има во Србија. Потребен е систем каде бубрежно болните лица ќе може да ги остварат своите права без да лутаат по здравствените и социјални лавиринти, со психо-социјална поддршка на пациентот и семејството, бидејќи тоа е болест што се одразува на поширокото семејство. Да не ги заборавиме лековите што треба да бидат ставени на Позитивната листа за спречување на компликации од болестите, нагласува претседателот на здружението на бубрежно болни граѓани за МИА. 

Апелира да има што поголем број трансплантации на бубрези од жив донор и од кадавер во раната фаза на болеста, со што значајно ќе се намали бројот на пациенти на дијализа што претставува тешка и скапа процедура. Трансплантацијата, покрај тоа што е најдобро решение за пациентот, заштедува значајни средства од здравствениот буџет – една трансплантација чини колку една годишна дијализа, подвлекува Ѓоргиев. 

Кампањата за Светскиот ден на бубрегот е глобална кампања што започна да се спроведува во 2006 година од страна на ISN I IFKF (Интернационални федерации за бубрежни болести), а Здружението на бубрежно болни граѓани се приклучи кон таа кампања во 2007 година.  

Блаже Дарудов 

Фото: МИА архива 

Зачлени се на нашиот е-билтен