ЗНМ со порака до политичарите: Одговорна комуникација во време на трагедија

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) објави серија препораки за одговорна комуникација на политичарите со медиумите во моменти на трагедија. Овие насоки имаат за цел да спречат арогантен однос, прикривање информации и злоупотреба на трагични настани за политички маркетинг.

Политичарите и јавните функционери треба да покажат емпатија и сериозност кога се обраќаат до јавноста преку медиумите. ЗНМ препорачува:

  • Да се воздржат од одбивен, нетрпелив или иритирачки однос кон новинарите.
  • Да избегнуваат сарказам, превртување на очи или потценувачки однесувања кои можат да остават впечаток на надмоќност.
  • Да не ја минимизираат трагедијата или да префрлаат одговорност на други страни.

Во критични моменти, граѓаните очекуваат точни и навремени информации. ЗНМ апелира:

  • Да не се даваат нејасни и празни изјави.
  • Доколку одредени информации сè уште не се достапни, тоа да се каже отворено, наместо да се избегнуваат новинарските прашања.
  • Да не се шират контрадикторни или неточни информации, бидејќи тоа може да доведе до шпекулации и недоверба.

ЗНМ предупредува дека трагичните настани не смеат да бидат инструмент за политички поени или ПР стратегии. Во таа насока, препорачува:

  • Да не се користат трагедиите за сопствена промоција.
  • Да не се даваат нереални ветувања што не можат да се исполнат.
  • Да не се користи ситуацијата за напад на политички противници.

Политичарите и институциите мора да покажат респект кон медиумите и јавноста. ЗНМ нагласува:

  • Да не се обвинуваат жртвите за нивната судбина.
  • Да не се напаѓаат новинарите со обвинувања дека „ширеле паника“ само затоа што поставуваат тешки прашања.

„Медиумите имаат право да информираат – почитувајте ја нивната улога“, заклучуваат од ЗНМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен