Фицо: Словачка нема да се вклучи во воени мисии и нема да дава пари за Украина

Фото: © European Union, 2024, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека неговата земја нема да се вклучи во воени мисии во Украина, ниту пак ќе издвои финансиски средства за воена поддршка на Киев.

На средба со амбасадорите на земјите од Европската Унија во Словачка, Фицо истакна дека ја поддржува идејата за организирање на уште еден состанок меѓу Словачка и Украина, кој би се фокусирал на проекти од заеднички интерес.

„Словачка нема да земе учество во воени операции во Украина, ниту ќе вложи едно евро за воена помош“, нагласи Фицо.

Тој, исто така, зборуваше за значењето на обновувањето на транзитот на руски гас преку Украина кон Европа, истакнувајќи дека без тој ресурс Европа тешко би можела да ја задржи својата конкурентност.

Коментирајќи ги несогласувањата меѓу Унгарија и ЕУ околу политиката кон Русија и поддршката за Украина, Фицо изјави дека „Словачка никогаш нема да застане зад санкции на ЕУ против Унгарија поради нејзините независни ставови“.

Зачлени се на нашиот е-билтен