Како изгледа руската воена база Енгелс пред и по украинскиот напад?

Утринава се направени нови сателитски снимки од руската воздухопловна база Енгелс, која вчера беше погодена од украински беспилотни летала, на кои се гледаат кратери и уништени згради. Снимката покажува споредба на денешната ситуација со онаа од декември 2024 година.

Снимката ја објави американската компанија Maxar Technologies.

Руските градови Саратов и Енгелс синоќа беа мети на најтешкиот напад со беспилотни летала врз регионот Саратов од почетокот на војната, изјави вчера гувернерот Роман Бусаргин, додавајќи дека на аеродромот избувнал пожар.

Руските Телеграм канали објавија дека најпрво бил прогласен воздушен напад, по што следеле серија експлозии. Според каналот MASH, околу 4 часот по локално време се слушнале најмалку четири експлозии.

Градовите Енгелс и Саратов се наоѓаат во близина на воената воздухопловна база Енгелс-2, од која често полетуваат стратешки бомбардери за да извршат воздушни напади врз Украина. Независниот информативен канал Астра објави дека има експлозии во близина на воздухопловната база.

Телеграмскиот канал „Шот“ објави дека пожар избувнал и во реонот на складиштето за нафта Енгелс, а руските власти тогаш не коментирале за евентуална штета на нафтената инфраструктура.

Руската воздушна одбрана собори 132 украински беспилотни летала во текот на ноќта, од кои 54 над регионот Саратов, 40 над регионот Воронеж, 22 над регионот на Белгород и други над регионите Ростов, Курск и Липецк, како и над окупираниот Крим, потврди руското Министерство за одбрана.

Зачлени се на нашиот е-билтен