Израел: Пресретнавме проектил лансиран од Јемен

Израелската војска утринава соопшти дека пресретнала проектил лансиран од Јемен, откако се огласиле предупредувачките сирени во неколку региони на земјата.

„По сирените што неодамна се слушнаа во неколку области во Израел, проектил лансиран од Јемен беше пресретнат од Израелските воздухопловни сили пред да навлезе на израелска територија“, објавија вооружените сили на Телеграм.

Израелските власти соопштија дека пресретнале неколку ракетни напади од Јемен откако израелската војска во вторникот го прекрши примирјето со палестинското исламистичко движење Хамас и продолжи со бомбардирањето на Појасот Газа.

Набргу по почетокот на војната во Газа, предизвикана од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, јеменските бунтовници Хути извршија десетици ракетни напади врз Израел и во Црвеното Море, клучна област за глобалната трговија, на бродови што ги обвинуваат дека имаат различни врски со Израел. Хутите работат со поддршка на Иран и тврдат дека дејствуваат во солидарност со Палестинците.

Ваквите напади престанаа со прекинот на огнот кој стапи на сила на 19 јануари, но Хутите, кои ја презедоа одговорноста за континуираниот оган врз Израел, ветија дека ќе ги засилат нападите сè додека Израел продолжи со нападите врз Газа.

Јеменските бунтовници пријавија неколку американски напади по смртоносниот бомбашки напад од страна на САД во саботата, во кои американските власти велат дека загинале неколку високи функционери на јеменското бунтовничко движење. Хутите, пак, објавија 53 загинати и 98 повредени во нападите.

Зачлени се на нашиот е-билтен