Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова ќе присуствува на погребот на папата Франциск. Од Кабинетот на претседателката информираат дека таа ќе замине во Рим на 26 април.
Ватикан соопшти дека погребот на папата Франциск ќе се одржи в сабота, 26 април во 10:00 часот по локално време.
Папата Франциск во својот последен тестамент потврдил дека сака да биде погребан во базиликата Санта Марија Маџоре во Рим, а не во базиликата Свети Петар во Ватикан, каде што е последното почивалиште на многу негови претходници.
Во тестаментот што синоќа го објави Ватикан, Франциск јасно ја изрази желбата да биде погребан „во земја, без посебни украси“, а над неговиот гроб треба да стои едноставна плоча со неговото папско име на латински јазик: Franciscus.
Папата исто така навел дека договорил неименуван добротвор да ги покрие трошоците за неговиот погреб.
„Трошоците за подготовка на погребот ќе бидат покриени од износот што го обезбеди добротвор, а за кој договорив да биде префрлен во базиликата Санта Марија Маџоре“, стои во тестаментот.