Маск се враќа во „гаражата“ – помалку политика, повеќе Тесла

Фото: X/@elonmusk

Сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, најави дека ќе го намали своето учество во администрацијата на Доналд Трамп, откако профитот и приходите на неговата компанија забележаа значителен пад во првите три месеци од 2025 година.

Продажбата е намалена, а компанијата е под зголемена критика, делумно поради сè поистакнатата политичка улога на Маск во Белата куќа. Во вторникот, Тесла објави дека приходите од продажба на возила се намалени за 20% во однос на истиот период минатата година, додека профитот паднал за над 70%.

Компанијата предупреди дека предизвиците може да продолжат и одби да даде прогноза за раст, наведувајќи дека „променливата политичка клима“ може значително да влијае на побарувачката.

Намалувањето на бизнисот се совпадна со реакциите за улогата на Маск во новата администрација на Трамп, што, како што призна Маск, му ја одвлекло фокусот од компанијата. Тој донирал над четвртина милијарда долари за повторниот избор на Трамп и ја предводи иницијативата „Министерство за државна ефикасност“ (DOGE), насочена кон намалување на јавната потрошувачка и бројот на државни службеници.

Маск најави дека почнувајќи од следниот месец, ќе му посветува значително помалку време на работата во администрацијата – само еден до два дена неделно, доколку тоа е „пожелно и корисно“.

Неговиот политички ангажман предизвика протести и бојкот на Тесла во повеќе земји. Маск ја опиша својата улога како „клучна“, тврдејќи дека „средувањето на администрацијата е главно завршено“.

Во првиот квартал, Тесла оствари приходи од 19,3 милијарди долари – пад од 9% во однос на истиот период лани и под очекуваните 21,1 милијарда. Намалувањето доаѓа по пониските цени на возилата, во обид да се привлечат купувачи.

Трговските тарифи наметнати од Трамп за кинеските производи дополнително ја отежнуваат ситуацијата. Иако возилата што се продаваат во САД се склопуваат таму, Тесла користи многу делови од Кина. Компанијата предупредува дека оваа трговска политика може да го наруши синџирот на снабдување и да ги зголеми трошоците.

Маск, кој често се судрува со други членови на администрацијата, неодамна го нарече советникот за трговија Питер Наваро „идиот“, откако тој изјави дека Маск не е „производител на автомобили“, туку „склопувач“.

Тесла вели дека вештачката интелигенција ќе биде двигател на идниот раст, иако инвеститорите досега не биле убедени. Акциите на Тесла паднаа за околу 37% од почетокот на годината, но по објавувањето на кварталниот извештај пораснаа за повеќе од 5% во постторговието.

Аналитичарот Ден Косуорт од AJ Bell изјави дека очекувањата се „на најниско ниво“, откако Тесла претходно објави дека продажбата паднала за 13% – најнизок резултат во последните три години. Тој предупреди дека силната конкуренција и можните нарушувања во глобалните синџири поради трговската политика на Трамп претставуваат дополнителен ризик за компанијата.

„Проблемите на Тесла се натрупуваат“, заклучи Косуорт.

Зачлени се на нашиот е-билтен