Како папата Франциск стана модна икона: Што симболизира неговата бела облека?

Кога ќе се спомене оставнина на еден папа, модата сигурно не е првата асоцијација. Но, покојниот папа Франциск, кој почина во понеделникот, беше исклучок – не поради луксузни дизајнерски парчиња како белата „пуфер“ јакна од Balenciaga (која всушност беше дело на вештачка интелигенција), туку поради неговиот скромен, но препознатлив стил: крем мантија и едноставни црни кожени чевли.

Уште првиот ден по неговиот избор во 2013 година, The New York Times забележа драстичната разлика во стилот – наместо злато и скапоцени камења, Франциск избра црни чевли изработени од пријател од Буенос Аирес и обичен рачен часовник. Неговите едноставни, неукрасени одежди беа во контраст со оние на неговиот претходник Бенедикт XVI, кој носеше црвени дизајнерски чевли, скапоцени крстови и дури и баршунаст camauro, капа налик на онаа на Дедо Мраз.

Стилистичката скромност на Франциск му донесе и популарност во пошироката култура. The Cut го нарече „нормкор папа“ поради неговиот едноставен пристап кон облекувањето, Rolling Stone го стави на насловната страница, а списанието Esquire го прогласи за „најдобро облечен маж“ во 2013 година.

Практичен пристап кон улогата на папа

Франциск, роден како Хорхе Марио Берголио, не беше фаворит пред изборот за папа. Скромен, повлечен и неекстравагантен, тој речиси „пројде под радарот“. Но токму таа скромност го направи уникатен, а според Rolling Stone, „неговата човечност делуваше како позитивна револуција“.

Историчарката на црквата и уметноста, Карол Ричардсон, објаснува дека стилските разлики меѓу Франциск и Бенедикт одразуваат подлабоки теолошки разлики. Бенедикт, традиционалист, преку облеката сакаше да нагласи историска континуитет на папството – од Исус, преку свети Петар, до себе. Тој носеше антички мисници и симболични палии кои алудираа на римската ера.

Франциск, пак, како прв папа од редот на језуитите, имаше поинакви приоритети. „Језуитите се насочени кон практиката – јазици, реторика, теологија, историја – сè со цел подобро дејствување во светот“, вели Ричардсон. За него, симболиката била важна, но не и пресудна.

Што значи белата облека?

Иако минималистички, неговата целосно бела одежда не беше без симболика. Во католичката традиција, белата боја симболизира чистота и милосрдие, додека црвената – страдање и жртва. Нема строги правила за бојата на обувките, но традиционално, тие биле бели или црвени. Франциск носеше црни – избор кој не носи формална симболика, но се поврзува со скромноста на фрањевците, кои исто така носат црни чевли или сандали.

Кога на интернет се појави вештачки создадена слика од папата облечен во улична „хај-фешн“ облека, многумина се насмеаја, но и се замислија. Ричардсон вели дека, иако лажна, таа слика е своевиден комплимент – затоа што претставува папа кој е традиционален, но и „присутен“ во денешниот свет.

Зачлени се на нашиот е-билтен