Глас против стравот: Палестинците во Газа излегуваат на улица против Хамас

На улиците на Газа, каде што тагата и уништувањето станаа секојдневие, се јавува нова појава: протести против Хамас. Под слогани како „Надвор! Надвор! Надвор!“ и „Хамас е ѓубре!“, се повеќе жители јавно изразуваат гнев кон вооружената група што владее со Појасот Газа речиси две децении.

Многумина ја обвинуваат организацијата дека ја вовлекла територијата во најтешката криза со која се соочиле Палестинците во последните 70 години.

Моумен ал-Натур, адвокат од Газа и поранешен организатор на движењето „Сакаме да живееме“, ја предводи оваа нова форма на отпор. Во колумна за Washington Post, тој отворено повика на повлекување на Хамас, нагласувајќи дека организацијата ја злоупотребува судбината на палестинскиот народ за свои цели.

„Светот мисли дека Газа е Хамас и обратно. Но ние не ја избравме Хамас. Време е да се повлечат,“ вели ал-Натур, кој, и покрај заканите, продолжува да зборува јавно.

Ризикот е реален и смртоносен. Во март, 22-годишниот Одај ал-Рубаи, кој учествувал на анти-Хамас протести, беше киднапиран и пронајден мртов со траги од тортура. Неговото семејство го обвини Хамас, барајќи правда. Слична судбина избегна и активистот Амин Абед, кој по брутален напад мораше да замине во Дубаи. Сепак, тој продолжува со активизам, убеден дека моќта на Хамас слабее и дека народот повеќе не се плаши како некогаш.

Последните месеци донесоа и сцени на директна конфронтација. Во Беит Лахија, демонстранти спречија вооружени борци на Хамас да користат куќа за лансирање ракети. Населението, и покрај пукањата, ги истера борците, велејќи: „Не ве сакаме. Го донесовте уништувањето.“ Овие протести сè уште не претставуваат бунт, но по 17 години владеење, притисокот на Хамас врз Газа полека попушта.

Зачлени се на нашиот е-билтен