Додик: Очекувам да ни забранат учество на изборите во 2026 година

Милорад Додик, претседателот на ентитетот Република Српска, во петокот повторно изјави дека не ги признава одлуките на високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, и дека властите на РС нема да ги спроведуваат тие одлуки.

Во изјава за медиумите, Додик рече дека очекува Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ да не ја прифати кандидатурата на неговата партија – Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) – за општите избори закажани за 2026 година.

Ова доаѓа откако високиот претставник Шмит во четвртокот донесе одлука со која се забранува буџетско финансирање на СНСД и партијата Обединета српска, предводена од Ненад Стевандиќ, претседател на Парламентот на РС. Забраната важи за сите нивоа на власт.

Според Шмит, овие санкции се резултат на проценката дека двете партии и нивните лидери водат активности насочени кон уривање на уставниот поредок на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот мировен договор.

Очекува нови санкции

Додик истакна дека иако РС не ги признава одлуките на високиот претставник, сепак очекува дополнителни казнени мерки, слични на оние што порано ѝ беа изречени на Српската демократска партија (СДС) поради врски со осудениот воен злосторник Радован Караџиќ.

„Сега ние сме на ред“, рече Додик, пренесува агенцијата Хина. Тој изрази сомневање дека ЦИК ќе им дозволи на СНСД и Обединета српска да учествуваат на изборите во октомври 2026 година.

Покрај тоа, Додик повторно го навреди Кристијан Шмит, велејќи дека тој нема мандат за наметнување одлуки и закони. Тој повторно го нарече „фашист“ и изрази надеж дека идната администрација на Доналд Трамп ќе му помогне.

Обид за апсење

Во средата, неколку инспектори од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА) се обиделе да влезат во владината зграда на РС во Источно Сараево, за да му достават налог за апсење на Додик. Но, биле спречени од силно вооружени припадници на Министерството за внатрешни работи на РС.

Средината на март, Судот на БиХ одреди едномесечен притвор за Додик, Стевандиќ и премиерот на РС, Радован Вишковиќ, поради тоа што не се одѕвале на поканите од Обвинителството на БиХ во рамки на истрага за сомнение дека се обиделе да го урнат уставниот поредок на државата.

Зачлени се на нашиот е-билтен