Индија денес објави дека го забранила увозот на стоки што пристигнуваат од или транзитираат низ Пакистан, како и дека го забранила увозот на пакистански пратки, поради зголемените тензии по смртоносниот напад врз туристи во спорниот регион Кашмир меѓу двата нуклеарно вооружени соседи.
Генералниот директорат за надворешна трговија на Индија официјално објави дека забраната ќе стапи на сила веднаш. „Наметнатото ограничување е во интерес на националната безбедност и јавниот ред“, се вели во соопштението.
Најмалку 26 лица беа убиени од осомничени милитанти во напад врз планинска туристичка дестинација во Пахалгам во долината Кашмир минатата недела. Хималајскиот регион, со муслиманско мнозинство, е предмет на судир меѓу Индија и од Пакистан, а претходно беше во фокусот на неколку војни, бунтови и дипломатски конфликти.
Индија го обвини Пакистан за вмешаност во нападот, што Исламабад го негира. Пакистан тврди дека има „веродостојни разузнавачки информации“ дека Индија планира да започне воена акција.
Одмаздничките мерки на Пакистан вклучуваат суспендирање на прекуграничната трговија, затворање на воздушниот простор за индиските превозници и протерување на индиски дипломати.
Меѓу другото, беше испратено предупредување дека секој обид за спречување на протокот на речната вода, што беше договорено во согласност со децениски стар договор, ќе се смета за воен чин.
Денес, Индија објави дека на бродовите под пакистанско знаме нема да им биде дозволено да влезат во ниту едно индиско пристаниште, а на бродовите под индиско знаме нема да им биде дозволено да влезат во ниту едно пристаниште во Пакистан.
„Оваа наредба е издадена за да се обезбеди безбедноста на индискиот имот, товар и инфраструктура, што е во јавен интерес и во интерес на индискиот превоз“, се вели во соопштението на највисокиот индиски орган за превоз.
Трговската размена меѓу двете земји значително се намали во последните години.