Најмалку седум лица, меѓу кои и едно дете, загинаа, а најмалку 20 се повредени при бомбардирање на болница и аптека во градот Стари Фангак, во северниот дел на Јужен Судан, соопшти хуманитарната организација „Лекари без граници“ (MSF).
Инцидентот се случил во населба оддалечена околу 475 километри од главниот град Џуба, во регион во кој пристапот до здравствена заштита е веќе сериозно ограничен. Според MSF, погодената болница е единствениот функционален медицински центар за околу 40.000 луѓе во таа област.
На социјалната мрежа Х, организацијата го осуди нападот, нарекувајќи го „јасно кршење на меѓународното хуманитарно право“, со повик до надлежните власти да спроведат независна истрага.
Иако засега нема официјална потврда за сторителот, дел од локалните извештаи го поврзуваат нападот со акција на армијата на Јужен Судан. Министерството за одбрана сè уште нема дадено изјава по повод случувањата.
Овој напад е дел од поширокиот контекст на нестабилност и конфликти кои го зафаќаат Јужен Судан, земја што се соочува со хуманитарна криза и чести вооружени судири меѓу различни групи.