Албанија, некогаш маргинализирана на туристичката мапа, денес е меѓу најбрзо растечките дестинации во светот. Според последните податоци, оваа балканска земја се наоѓа на третото место по раст на туризмот – веднаш зад Катар и Порторико – и до 2030 година се предвидува да ја посетат дури 30 милиони туристи.
За споредба, во 2015 година Албанија ја посетиле нешто повеќе од три милиони странци. До 2019 бројката достигнала седум милиони, а во 2023 – по пандемијата – бројот на туристи скокна на десет милиони.
Плажите со ситен песок, умерените цени и активноста на инфлуенсерите на социјалните мрежи, ја направија Албанија атрактивна алтернатива за летен одмор. Масовно се отвораат нови хотели, а луксузниот туризам добива нови димензии – меѓу најголемите инвестиции е хотелот на островот Сазан, зад кој стојат Иванка Трамп и Џаред Кушнер, вреден 1,4 милијарди долари.
Но, брзиот раст не доаѓа без последици. Според новинарот Весли Дидани од „Саранда веб“, во некои делови, како Саранда, веќе се чувствува еколошка деградација. „Некои градежни проекти се изведуваат без соодветно планирање, а има случаи кога отпадот завршува директно во морето“, вели тој. Освен тоа, цените вртоглаво растат, а локалното население сè потешко ги прифаќа новите животни трошоци.
И покрај критиките, Албанија останува дестинација со потенцијал да ја надмине Португалија и Хрватска по туристичка посетеност, особено ако инвестициите продолжат во сегашниот ритам, но и ако развојот се одвива поодржливо.