Кога ќе погледнеме околу себе – зградите што не засолнуваат, улиците што не водат до саканите луѓе, мостовите што ги поврзуваат градовите, па дури и водата што стигнува до секое домаќинство – сè тоа е резултат на трудот, знаењето и визијата на градежните инженери. Градежништвото не е само поставување тули и бетон – тоа е науката што стои зад безбедноста, функционалноста и удобноста на секој аспект од урбаниот живот.
Ружица Јанкуловска, студентка на Градежниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, можеби не го замислувала овој пат уште од мали нозе, но го одбрала водена од желбата да се изгради себеси преку професија која бара храброст, логика и визија.
„Мултидисциплинарноста и контрастот помеѓу канцелариска работа и терен ми се допаѓаат и се совпаѓаат со мојот карактер. Идејата дека преку практично знаење и лични способности може да се остави значителен белег врз општеството ми изгледа многу алтруистички“, вели таа.
Градежниот факултет нуди повеќе насоки, меѓу кои: градежништво, геодезија и геоинформатика, геотехничко инженерство, како и понатамошна специјализација во конструкции, хидротехника и транспортна инфраструктура. Ваквата широка понуда создава кадар кој е баран не само во градежните компании, туку и во енергетскиот и водниот сектор, државната администрација, катастар, образовни институции и ИТ фирми што работат со просторно моделирање.
Иако дел од насоките не се „во прв план“ кај идните студенти, токму тие – геотехниката, геодезијата и хидротехниката – нудат поголеми можности за вработување поради помалата конкуренција.
„Во овие области има поголем степен на мултидисциплинарност – слушаме предмети поврзани со ИТ, картографија, хидрологија. Тоа нè прави посилни кандидати за пазарот на труд“, наведе Ружица.
Вработувањето, како што посочува таа, доаѓа брзо и со широк спектар на можности – од инфраструктурни проекти во државата до ангажмани во меѓународни компании.
„Повеќето градежници, иако се вработени, паралелно работат и на приватни проекти. Тоа го проширува нивното искуство и ги става пред нови предизвици со секој нов проект“, информираше Ружица.
А кога ќе дојде време за напредување – тука се академијата, истражувачките институти, а се повеќе и професионални можности за странски проекти.
„Шансата да се остави дел од себеси, своите замисли и својот труд што ќе остане со децении како доказ за личен придонес, е доволно охрабрувачка. Наместо само да прашаме што можеме ние да добиеме од професијата – време е да прашаме што можеме да ѝ дадеме на заедницата. Можеби одговорот за некои млади луѓе ќе бидат стабилни мостови, чиста вода или безбедни патишта“, порача Ружица.
Градежништвото е тивок херој на секојдневниот живот – потписот на стабилните темели, на функционалните градови и на една поодржлива иднина. А Градежниот факултет при УКИМ е местото каде што идните визионери ги добиваат алатките да ја изградат таа иднина – буквално.