Во изминативе недели, на социјалните мрежи на шоуто „Глумците пеат“ беа објавени серија креативни видеа, преку кои дел од актерите на забавен начин го најавија своето учество. Според информации до кои дојде Трн, откриен е дел од актерската екипа што годинава ќе настапи во улога на музички ѕвезди.
Актерката Сања Арсовска и Игор Ангелов годинава за првпат ќе настапат на музичко-сценското шоу „Глумците пеат“, кое на 8 и 9 јуни повторно ќе се одржи во Македонскиот народен театар. Тие се дел од новата генерација уметници што ќе застанат на сцената во сосема поинаква улога – како вокални изведувачи.
На листата на учесници се најдоа и младите актери Лазар Христов, Антонио Ташковски и Јаков Спасов, за кои ова претставува прво појавување во шоуто што комбинира музика, глума и кореографија во формат блиску до мјузикл.
Публиката ќе има можност повторно да ги види и долгогодишните учесници: Рубенс Муратовски, Билјана Драгиќевиќ – Пројковска и Весна Петрушевска, кои и годинава ќе бидат дел од централниот музички состав.
Од продукцијата информираат дека ова е само дел од актерската екипа, а остатокот ќе биде објавен преку официјалните канали на шоуто. Претставата ќе се изведува со придружба на оркестар и сценска поставеност со кореографија, што го прави настанот еден од најпосетуваните на културната сцена.
Билетите се во ограничен број и може да се набават преку платформите mktickets.mk и karti.com.mk.
Повеќе информации и видеонајави од учесниците се достапни на профилот @glumcitepeat.