По 35 години, „Макпримат“ се повлекува од пазарот

По три и пол децении присуство на македонскиот пазар, модниот бренд „Макпримат“ објави дека го затвора своето поглавје. Веста за згаснувањето на компанијата беше соопштена преку објава на социјалните мрежи.

„По неверојатни 35 години, исполнети со страст за модата, креативност и незаборавни моменти, ’Макпримат‘ го завршува своето постоење“, објавија од компанијата, потенцирајќи дека се подготвуваат за ново поглавје, но без да прецизираат што точно следува.

Во пораката се изразува и длабока благодарност до илјадниците клиенти кои со години ѝ укажуваа доверба на марката, која долго време важеше за еден од препознатливите симболи на домашната текстилна индустрија.

Затворањето на „Макпримат“ доаѓа во време кога сè повеќе локални брендови се соочуваат со предизвици во модната и текстилната индустрија, но и во целокупниот бизнис амбиент.

Зачлени се на нашиот е-билтен