Цената на среброто денеска го достигна највисокото ниво во последните 13 години, потврдувајќи ја репутацијата на овој благороден метал како сигурно засолниште за инвеститорите во време на пазарна неизвесност.
Според податоците од берзата Комекс, со јулските фјучерси на сребро денеска се тргуваше по цена од 36,02 долари за унца, што претставува речиси 4% дневен раст. До вчера во 16:55 часот, цената благо се коригираше на 35,96 долари.
Од почетокот на годинава, вредноста на среброто е зголемена за речиси 21%, покажуваат податоците што ги пренесува CNBC. Експертите укажуваат дека клучен фактор за овој раст е повеќегодишниот дисбаланс помеѓу понудата и побарувачката.
Според извештајот на Институтот за сребро, глобалната понуда на овој метал во 2024 година била за 15% помала од побарувачката. Се предвидува дека дефицитот ќе продолжи и во текот на 2025 година.
И покрај значителниот раст, среброто сè уште заостанува зад златото, кое бележи зголемување од околу 25% годинава. Во моментов, цената на златото изнесува приближно 3.400 долари за унца.